ПОВИКОТ Е ЗАТВОРЕН (28 ОКТОМВРИ 2016)sswa

ПОВИК ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ ГРАНТОВИ ЗА ПОТТИКНУВАЊЕ НА МЕДИУМСКАТА И ИНФОРМАЦИСКАТА ПИСМЕНОСТ

Високата школа за новинарство и за односи со јавноста во партнерство со Институтот за различности во медиумите (В. Британија) и со дневниот весник „Нова Македонија“ објавува повик за доделување грантови за граѓански организации за иницијативи со кои ќе се промовира медиумската и информациската писменост во земјата. Повикот е дел од проектот „Медиумска писменост во ера на наплив на информации: Основање коалиција за медиумска писменост“, кој што го финансира Европската Унија.

Предложените иницијативи треба да се насочени кон едукација и јакнење на свеста на граѓаните за значењето на медиумската писменост, разбирање на медиумските содржини и употреба на медиумите како канал за артикулирање на граѓанските интереси и активно учество во јавната сфера. Сите иницијативи треба да се реализираат во партнерство со најмалку еден медиум кој работи во земјата.

Преку повикот ќе се изберат осум граѓански организации кои заедно со нивните медиуми-партнери и со Високата школа, ќе ја основаат Коалицијата за медиумска писменост. Иницијативите треба да се реализираат во период од осум месеци.

Цели на овој повик се:

1.  Граѓаните да се здобијат со вештини за пристап, разбирање и критичка перцепција на медиумските содржини, како и вештини за употреба на медиумите како алатка за споделување на своите идеи, ставови, како еден од предусловите за нивно активно учество во јавната сфера;

2.  Промовирање на концептот на медиумската писменост како инструмент преку кој граѓанските организации ќе допрат до своите целни публики и ќе предизвикаат општествени промени;

3.  Јакнење на медиумскиот плурализам и професионалното новинарство, преку медиумски содржини, настани и активности фокусирани на заштита на правата на граѓанинот, слободата на изразување и јавниот интерес;

4.  Поврзување на граѓанските организации и медиумите во Коалиција за медиумска писменост, преку која ќе се зајакне соработката за прашања од општествен интерес.

Очекувани резултати

Предложените проекти треба да придонесат кон постигнување на следните резултати:- Медиумски писмени и активни граѓани кои ќе ја разбираат улогата и функцијата на медиумот во општеството, ќе умеат да разликуваат етичко од неетичко новинарство и активно ќе се вклучат во јавната сфера;

- Граѓанските организации ќе имаат соодветно обучени човечки ресурси, оспособени за ефикасна комуникација со јавноста, со институциите и со медиумите, кои ќе умеат стратегиски да планираат, иницираат и предизвикаат промена во општеството во интерес на своите целни групи;

- Збогатена понуда на медиумски содржини кои во фокусот ќе го имаат интересот на граѓанинот, а особено на маргинализираните групи во општеството;

- Креирање едукативни програми и ресурси за медиумска писменост.

Активности

Граѓанските организации треба да понудат некои од следните активности, кои се наведени како насоки, но не мора да бидат ограничени на истите:

- Предлог кампања која ќе предизвика позитивна промена во општеството. Таа треба да вклучува активности за подигнување свест за одредено прашање (од областа на здравството, екологијата, маргинализираните групи итн.). Предложените активности треба да вклучуваат активно учество на граѓаните преку различни форми: јавни настани, дебати, медиумски содржини креирани од и за граѓаните, организирање донации, петиции, социјални медиуми и сл. Ваквиот тип активности треба да им помогнат не само на граѓанските организации, туку и на нивните целни групи да го научат процесот на стратегиско планирање и реализација на идејата за општествена промена.

- Едукација на граѓаните како да пристапуваат до информации што ги засегаат, да стекнат знаења за критичка перцепција на медиумските содржини, да стекнат вештини за користење на новите или традиционалните медиуми за себеизразување и за успешна комуникација со јавноста. Новостекнатите знаења и вештини треба да ги поттикнат граѓаните активно да се вклучат во јавната сфера.

- Инвентивни приоди за подигнување на свеста за правата на маргинализираните групи и луѓе со попречености: медиумски содржини креирани од овој тип граѓани, примери за нивно стигматизирање и дискриминација во медиумите и во реалниот живот поткрепени со кампањи за општествени промени, едукативни ресурси за разбивање стереотипи, предрасуди и сл.

- Медиумска продукција и активности за разбирање за тоа како медиумските содржини влијаат врз културата и општествените текови преку разобличување на скриените пораки, идентификување на маркетинг и комуникациски стратегии, препознавање на целта на креаторот на медиумските содржини, техниките на убедување, утврдување пристрасност во информирањето, манипулација и лага.

Приоритетни теми:

Предност ќе им се даде на оние иницијативи кои промовираат партиципативна култура и општествени промени во следните области: (1) Слобода на изразување; (2) Антидискриминација и маргинализирани групи; (3) Младински активизам (4) Животна средина; (5) Социјална заштита; и (6) Здравствена заштита.

Право на учество

Повикот е отворен за сите регистрирани здруженија на граѓани во Р. Македонија, како и регистрирани коалиции и мрежи кои овие здруженија ги основале. Доколку коалицијата/мрежата не е формално регистирана, треба една од организациите да биде носител на апликацијата, и притоа да достави потврда со потпис од членовите на мрежата/коалицијата.

Граѓанските организации во фазата на аплицирање задолжително да обезбедат партнерство со најмалку еден медиум.

Финансиска и друга поддршка

Избраните иницијативи ќе добијат: 1. Грант во висина до 5.000 евра во денарска противвредност; 2. Обуки за претставниците на граѓанските организации и на медиумите; и 3. Менторство при реализација на одобрените проекти во период од осум месеци.

Аплицирање:

Заинтересираните граѓански организации треба да поднесат: 1. пополнета апликација, 2. изјава потпишана од одговорното лице на апликантот, 3. изјава од одговорното лице на медиумот кој ќе биде партнер, 4. копија од документ за основање (статут или др.) и регистрација на организацијата-апликант, 5. копија од последниот годишен извештај со финансиска изјава и изјава од овластеното лице за финансиската и правната ситуација на организацијата-апликант и 6. Буџет.

Предложениот буџет треба да ги покрие сите трошоци кои се директно поврзани со имплементацијата на планираните активности, вклучувајќи и плати, хонорари, патни трошоци, трошоци за канцелариско работење, за промоција и јавно застапување и сл. Износот на административните трошоци во однос на вкупните директни трошоци на проектот може да биде максимално до 7%.

Апликациите и останатите документи треба да се достават лично или по пошта во печатена форма во три примероци, во коверт на адреса: Висока школа за новинарство и за односи со јавноста, Јуриј Гагарин 17/1-1, Скопје, со назнака за повикот: Коалиција за медиумска писменост.

Краен рок за доставување на апликациите е 28 октомври (петок) 2016 година до 16:00 часот.

Селекција:

Селекцијата на најдобрите апликации ќе се врши според следните критериуми:

- Релевантноста на предлог иницијавата согласно целите на овој повик;
- Видовите активности кои се предложени и нивната поврзаност со целите и очекуваните резултати и активности;
- Колку добро се дефинирани и реално остварливи очекуваните резултати, како и влијанието од спроведувањето на активностите;
- Капацитетот на апликантот и на медиумскиот партнер да ги реализираат предложените активности;
- Рационалноста на предложениот буџет согласно предложените активности.

Кандидатите кои ќе бидат избрани во потесен круг ќе бидат повикани на интервју во текот на октомври и ноември 2016.
Контакт: info@vs.edu.mk; www.vs.edu.mk; www.medium.edu.mk; тел. 02 30 90 004;
Лице за контакт: Александра Теменугова; temenugova@vs.edu.mk

  apl   aplikantr   medium   budzet21

За проектот

Високата школа за новинарство и за односи со јавноста во партнерство со Институтот за различности во медиумите од Лондон и со дневниот весник „Нова Македонија“ во периодот 2016-2018 г. ќе го реализира проектот „Медиумска писменост во ера на наплив на информации: Македонска коалиција за медиумска и информациска писменост“.

Повеќе

За весникот „Медиум“

„Медиум“, весникот на сите средношколци е плоштадот на слободата на младите луѓе. Средношколец си и сакаш да пишуваш во весник. Стани дел од редакцијата на првиот средношколски весник кој излегува еднаш месечно во „Нова Македонија“.

Повеќе

Адреса

ул. „Јуриј Гагарин“, бр. 17/1-1, Скопје тел. 02 / 30 90 004

www.medium.edu.mk; www.vs.edu.mk; 
medium@medium.edu.mk;