Автоцензура – Новинарот/авторот на негова иницијатива свесно донесува одлука да не пренесе информација која ја знае на јавноста.

Авторизација – Интервјуираното лице го верификува и одобрува својот исказ.

Агенда – Листа на вести и приказни што ја определува колегиумот на уредници.

Агенциско новинарство – Вид на новинарство прилагоден на потребата за брзи, прецизни и концизни информации и извештаи за различни медиумски корисници. Содржината на вестите и информациите се непристрасни односно без мислења и судови.

Advertising hole (рекламен простор) – Дел од весникот што содржи реклами, огласи и други комерцијални содржини.

Адвертајзинг – Рекламирање. Презентација на информација пласирана во платен (закупен) медиумски простор.

Атрибуција (цитирање) – Поткрепување на информациите со изворот на информации, освен оние што се очигледни и неспорни.

Аудиовизуелен медиум – Средство за собирање, пренос и емитување или складирање на звучни и сликовни информации.

Автор на филм – Лице чијшто креативен придонес видливо влијае на стилската особеност на целиот филм.

Аverage time spent ( Метод за мерење на просечно време на гледање телевизија) - Просечниот број на минути кој секој поединец ги поминал во гледање одреден канал или програма во однос на вкупниот број лица кои гледале телевизија во тоа време.

Аverage time viewed -Просечниот број на минути кои секој поединец ги поминал во гледање на одреден канал или програма во однос на вкупниот број на поединци во населението ( оние кои гледале телевизија во тоа време и оние кои не гледале).

Банер (Banner) - Дефиниран простор, на врвот или на дното на веб страницата кој најчесто се користи како рекламен, или како место за името на веб страницата.

Брошура – Печатен кус материјал (содржина) за информативна и промотивна цел.

Вест – Основен новинарски жанр кој во кратка форма одговара на основните новинарски прашања.

Вредно за објавување – Вест или информација која е вредна за објавување врз основа на одредени критериуми.

Вонредна вест – Вест која поради својата исклучителна важност се објавува во рамките на редовната програма без оглед на распоредот

Вебсајт - Основен елемент на WWW

WWW (WorldWideWeb) - Систем креирање и пристап до документи формирани во HTML (види HTML) јазик кој вклучува хиперлинкови и подржува графика и други милтимедиумски формати. WWW е само еден дел од Интернет.

Главен и одговорен уредник – Лице одговорно за креирање и спроведување на уредувачката политика на весникот, заедно со издавачот. Под негова надлежност се сите новинарски содржини во весникот.

Онлајн намамување - Осмислена акција за спријателување и воспоставување на емоционален контакт со децата на интернет, со цел нивна подготовка за сексуално искористување.

Гледаност / слушаност / посетеност – Истражувачки  податок (индикатор) за апсолутен или релативен број гледачи, слушатели или посетители на одреден медиум, програма или во одреден временски период.

Краен рок (Дедлајн) - Краен рок за завршување на новинарски текст или прилог.

Деск - Место каде што се слеваат информациите и се пишуват вестите.

Демант - Информација која негира друга претходно објавена информација.

Домен (Domain) - Уникатно име на еден сајт како негова адреса вклучувајки го и типот на сајтот одреден според кратенките .edu за едукативен, .com за комерцијален, .org за организација, .gov за владин итн.

Дописник - Новинар кој известува надвор од матичното место на медиумот.

Досег - При мерењето на ТВ рејтинзи, бројот на различни лица кои го виделе најмалку една минута од одредени телевизиски содржини.

Дистрибуција - Организиран транспорт и продажба на весници.

Симнување (Downloading) - Преземање (симнување) на некој документ од Интернет.

Ембарго - Назнака за информација која не треба да се објави пред назначеното време.

Есеј - Специфичен новинарско-белетристички жанр, поблизок до литературата отколку до новинарството во кој се изнесуваат лични впечатоци, сознанија, перцепции.

Ексклузивна информација - Информација од особен интерес за јавноста обезбедена и презентирана само од еден медиум.

Електронски медиуми – Радија, телевизиски канали и електронски публикации (на пример веб портали, веб изданија на дневните весници, итн.)

Злоупотреба на медиуми – Непочитување на основните принципи на етика, ставање на медиумите во служба на политичката и финансиската власт, кршење на законските норми во корист на политички партии, владејачки идеологии и режими.

Заштита на приватност – Медиумско право кое вклучува законски одредби и професионални принципи се кои се регулира приватниот живот на поединецот.

Истражувачко новинарство – Вид на новинарство во кое освен што се одговара на сите прашања кои ја сочинуваат веста, подлабоко се истражува некоја тема и факти кои не биле познати.

Информација - Порака која се пренесува на различни начини. Информацијата која содржи елементи кои се значајни за пошироката јавност станува вест.

Интервју - Специфичен новинарски жанр во кој веста/содржината е пренесена во дијалошка форма. Карактеристично за овој жанр е изборот на личноста, изборот на темата и изборот на прашањата што во вистинско време често обезбедуваат ексклузивитет. Интервјуто дообјаснува, разоткрива, соопштува

Издавач - Физичко или правно лице, (компанија која може да биде, но не мора, - новинско издавачко претприатие - НИП). Издавачи можат да бидат компани кои кај нас се јавуваат како ДООЛ (друштво зо ограничена одговорност), АД (акционерско друштво, Холдинг...).

Интернет - Збир од компјутерски мрежи меѓусебно поврзани со кабли, телефонски линии или со сателити за да споделуваат информации.

Издание - Видоизменување на содржината на весникот зависно од околностите и потребите (вонредно издание, второ издание, регионално издание итн).

Извештај - Основен новинарски жанр.  Новинарски облик на изразување преку кој се дава одговор на сите пет прашања: кој, каде, кога, како, што и зошто, на таков начин преку кој јавноста се запознава со текот на збиднувањето, со текот на настанот. Додека веста информира за некого или за нешто по пат на основните елементи, извештајот  остава простор и за деталите.

Изјава - Исказ на извор на информации.

Јавно мислење - ставови и мислење на јавноста за важни општествени прашања или проблеми.

Клевета - лажно тврдење за некого.

Комуникација - пренос и размена на информации, каде што комуникаторот испраќа порака преку медиумите до публиката и очекува некои ефекти (масовна комуникација).

Колумна - Специфичен новинарско-белетристички жанр со кој се изнесува личен став за актуелна или важна тема, која се пишува  на еден сликовит понекогаш литературен начин. Колумни пишуваат и лица кои не се новинари.

Коментар - Специфичен новинарски жанр. Јавно изнесено мислење за почетокот, развојот и последиците на еден настан. Коментарот има став кој се брани од почетокот до крајот на текстот.

Конвергенција на медиуми – Процес кој се темели на дигитална технологија која ги отфрла традиционалните граници помеѓу медиумите.

Медиум - Физичка форма за пренесување на информации.

Масовни медиуми – Средства за масовна комуникација.

Манипулација – Во преносно значење управување со човечкото однесување во одредена намена. Иста така, претставува и намерно мамење на јавноста, давање лажни информации и креирање погрешна слика или мислење за прашање од голема важност.

Маркетинг - Изворно, истражување на пазарот; во нашиот жаргон вообичаено ја именува службата за прием на реклами и огласи.

Масовна комуникација - Пренесување на пораки до голем број на публика преку медиумите.

Медиумска писменост - Медиумска писмена личност е онаа која може да пристапи, анализира, оцени и креира медиумски содржини.“

Malware – Злонамерни програми коишто можат да го загрозат компјутерот.

Новинари / репортери - Лица кои ја вршат новинарската професија, односно, лица кои пишуваат текстови за објавување во медиумот.

Нови медиуми – Медиумска област којашто се развила со културната и технолошката револуција во која централна улога има производството, складирањето и дистрибуцијата на традиционалните аудио и аудиовизуелни медиумски содржини, но и нивно поврзување со други содржини достапни преку социјалните мрежи и системите за размена на податоци.

Огласување – Платена систематска дистрибуција на пораки со цел да се влијае на примателот.

Односи до јавноста – Процес на стратешко комуницирање којшто гради заемно корисни односи помеѓу организации и нивните публики.

Онлајн насилство (Cyberbullying) – Секоја комуникациска активност која поединецот или групата ја користи за да наштети на друга личност преку интернет и мобилен телефон.

Онлајн следење (Cyber следење) - Акција која вклучува закани и нарушување на приватноста.

Осврт - Специфичен новинарско-белетристички жанр во кој се изнесуваат лични впечатоци на некој настан, проблем или појава.

Официјално  (On the record) - Режим на слободно користење на информациите со цитирање на изворот.

Оф рекорд (Of the record) - Режим на користење на информации кога не се дозволува цитирање на изворот, но е нужно тој да се лоцира.

Пиплметар – Уред кој се користи во истражувања за следење на телевизиска гледаност.

Phishing – Измама која корисникот го наведува да ги открие корисничкото име и лозинката и посетување на лажен веб сајт.

Портал – Веб сајт кој нуди линк до голем број релевантни содржина од различни извори и при тоа се обидува да ги класифицира, група, а во некои случаи и да ги персонализира.

Продукција – Производство на некаков вид аудиовизуелна содржина.

Прилог - Основна телевизиска и радио форма најчесто составена од глас на новинарот, избрани изјави и атмосферски тон (во телевизија и слика и стенд ап).

Промоција – Збир на различни активности за праќање пораки и стимулација на примачот за да се убедат членовите на таргет групата да одговорат на соодветен начин или да преземат некоја акција.

Пласман на производот - Форма на рекламирање во која огласувачите плаќаат производот да биде прикажан во медиумите.

Реални шоуа (Реални програми) – Телевизиски жанр кој се основа на формулата за учество на обични луѓе избрани за да ја одразуваат разновидноста на мислења и начин на живот.

Редакција - Новинарскиот тим во еден медиум вклучувајќи ги и уредниците. Под редакција понекогаш се подразбира и просторијата во која се создаваат вестите.

Репортер - Назив за новинар кој пренесува информации преку медиум директно од локацијата на настанот. Новинар кој известува од терен.

Репортажа - Специфичен новинарски жанр како сведочење за некој настан, што подразбира присуство на новинарот на самото место. Настанот треба да биде и вистинит, актуелен и интересен. Карактеристика на овој жанр е пренесување на атмсоферата со начинот на изразување и стилот на авторот.

Рубрики - Делови на весникот со одредени страни кои со информации и други теми покриваат специфични области. Секоја рубрика има определен број на страни кои може да се менува според потребите и според договорот на редакцискиот колегиум. Најчести рубирики: Политичка, Економска, Надворешна, Културна, Спортска, Забавна, Градска, Општинска...

Слобода на изразување - Право на поединецот за слободно зборување и изразување без цензура или ограничување, или пак двете заедно.

Спам - Електронско ѓубре.

Скриена камера – Снимање на поединци или групи без нивно знаење.

Снимател - Лице кое прави филм или видео со помош на камерата и е задолжен за оптичкиот изглед на филмската слика.

Стереотип - Мислење или перцепција формирана врз основа на поедноставување, претерување или генерализација.

Судир на интереси – Посебни формални или неформални односи на новинарите или медиумите со лица или институции за кои известуваат и кои можат да видат причина за континуирано и намерно кршење на основните етички принципи.

Статија - Специфичен новинарски жанр како сеопфатна избалансирана анализа за одреден настан или појава која не е врзана со дневен настан, но со актуленост и нешто што трае и има одредени последици, позитивни или негативни, во општеството.

Соопштение за јавност - Пишан документ кој изворот го испраќа до медиумите, го презентира на прес конференција или на брифинг со новинарите, со кој најавува нешто што ќе се случи или се промовира или презентира нешто ново.

Таблоид - Весник со забавни, контроверзни и атрактивни содржини и со специфичен леј-аут.

Тролање – Намерно зачестено ширење на саркастични коментари на социјалните мрежи или форумите упатени кон случајно избрана личност со цел да се предизвика конфликт.

Уредник - Човек одговорен за подредување на вестите и другите новинарски форми. Подредувањето се прави според важност или според договорена уредувачка политика на медиумот.

Филм - Форма на културата позната како седмата уметност, претставува вид на комуникација која користи движечки слики и звук со цел да се раскажат приказни или да се помогне на луѓето да научат за нови идеи.

Филмска писменост – Способност за разбирање, анализа и интерпретација на филмскиот јазик и на специфичните карактеристики на филмот како уметност и медиум.

Фотографија - Израз составен од грчките зборови фото - светлина и графос - црта, израз измислен од Сер Џон Хершел, со кој се опфаќаат сите техники на пренесување на слики од реалноста на подлога, хартија или плоча.

Flaming - Намерно испраќање агресивни, навредливи и несоодветни пораки за поттикнување на онлајн судири и насилство.

Цитат - Дел од новинарски текст во кој директно се наведени нечии зборови онака како што се кажани.

Цензура - Забрана за објавување на информации од јавен интерес.

Целна група (target group, target audience) - Група од публиката која ја поврзуваат заеднички особини и слични интереси, што новинарот ја претпоставува, за да го определи аголот на новинарскиот текст.

За проектот

Високата школа за новинарство и за односи со јавноста во партнерство со Институтот за различности во медиумите од Лондон и со дневниот весник „Нова Македонија“ во периодот 2016-2018 г. ќе го реализира проектот „Медиумска писменост во ера на наплив на информации: Македонска коалиција за медиумска и информациска писменост“.

Повеќе

За весникот „Медиум“

„Медиум“, весникот на сите средношколци е плоштадот на слободата на младите луѓе. Средношколец си и сакаш да пишуваш во весник. Стани дел од редакцијата на првиот средношколски весник кој излегува еднаш месечно во „Нова Македонија“.

Повеќе

Адреса

ул. „Јуриј Гагарин“, бр. 17/1-1, Скопје тел. 02 / 30 90 004

www.medium.edu.mk; www.vs.edu.mk; 
medium@medium.edu.mk;