Креативност

Иновативност

Оригиналност

Имагинација

 

Биди новинар за „Медиум“

Испрати ни го твојот текст на medium@medium.edu.mk и ние ќе го објавиме :)

Испрати

Фаца на месецот

Petrit-inСарачини: Нашата цел е да се поттикне солидарноста меѓу новинарите
„The Reporters“ е единствен новинарски бенд во светот со авторски материјали

Кога зборува за новинарството, неговата крв е немирна како океански бранови што уриваат градови. Кога ќе запее, создава армија од морници на кожата на слушателите потсетувајќи ги на нешто што го заборавиле во минатото. Вака Петрит Сарачини делува со неговата појава.

По повод објавувањето на првиот новинарски албум во светот на македонскиот бенд Рипортерс, Медиум разговараше со главниот вокал на групата, Петрит Сарачини.

1. Како дојде до идејата за формирање на новинарски бенд?

- Идејата се роди при прославата на денот на Даниел Перл. Даниел е наш колега кој беше киднапиран и убиен во Авганистан, 2002 година. Освен по своето новинарство, тој бил познат по тоа што бил музичар и секаде каде што патувал низ светот за да известува, се дружел, свирел и соработувал со музичари од земјите каде што престојувал. Манифестацијата се одвива во десетици земји насекаде низ светот. Чинам, во 2010 година, овој настан се прослави во повеќе од 70 земји и учествуваа над 1700 артисти. Тоа што е карактеристично е дека Рипортерс е првиот новинарски бенд во светот којшто се приклучи на оваа акција и се оформи специјално за таа прилика, а иницијативата беше на Американската амбасада.  

2.  Како се споивте со останатите членови?  

- Јас ги најдов колегите новинари за кои знаев дека свират и дека биле дел од познати  музички состави во Македонија. Се собравме и направивме неколку свирки за денот на Даниел Перл, па почнавме да свириме на собиранките на Здружението на новинарите на Македонија.

Riporters-53. Како останатите членови на бендот ја прифатија идејата кога првпат ја слушнаа?

- Сите колеги без двоумење сакаа веднаш да се приклучат во составот. Најнов член ни е колегата Драган Антоновски со кого добивме уште еден гитарист во бендот. Има и многу други колеги кои сакаат да се приклучат и помогнат. Овде би ги спомнал сите оние кои учествуваа на конкурсот за текстови што можете да ги прочитате на буклетот на албумот. Тоа се колегите Рамуш Муарем Цирка од БТР, Сашка Цветковска која го напиша  текстот за „Слобода“, Драган Антоновски кој го напиша текстот за „Глупо време“, Вероника Камчевкса-„Пушти глас“ и други. Како познат и стар бубњар на Мизар и Архангел, го вклучивме колегата Панта Џамбазовски да сними дел од песните.

Во 2011 излегол првиот сингл „Слобода“ и пораснале апетитите на новинарскиот бенд. Почнале да работат на нивни авторски песни и го снимиле првиот албум кој го издадоа неодамна. Всушност, со тоа Рипортес стана единствениот новинарски бенд во светот со авторски материјали.

5. Каква и колкава поддршка добивте од новинарската фела за вашиот бенд?

- Добивме голема поддршка. Ако гледате по медиумските објави тоа е скромно, но тоа се должи најмногу на ситуацијата и политизираноста во медиумите кај нас и на тоа што, за жал, во медиумската заедница се создадени некакви табори. Од друга страна, пак, на нашите свирки, на солидарните забави што ги организиравме за конкретна помош на одредени колеги, се собраа многу новинари коишто, условно речено, припаѓаат и на едниот и на другиот и на третиот табор. Значи, на самите настани солидарноста функционира. Е, сега, тоа не функционира така во јавните објави поради политичкиот контекст кој за жал, го обременува нашето општество.

Продуцент на албумот на Рипортерс е Трајко Симоновски-Таци. А, Златко Михајловски-Бумбар заедно со Таци, кои свиреле во бендот на Тоше Проески, свират и на дел од песните на Рипортерс. Бендот за првпат настапил на денови на Даниел Перл во октомври, 2010 година.

6. Дали свирите и создавате музика рекреативно или имате конкретна цел?

-Рипортерс е ангажиран бенд. Нашата цел е да се поттикне солидарноста меѓу новинарите. Албумот и турнејата што ќе ја тераме е дел од солидарната акција на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници преку која се формираше солидарниот фонд за новинари. Фондот го немавме досега што беше голема штета бидејќи секогаш се случува на некоја колега да му е потребна помош. Конкретно, имаме колега на кој му изгоре куќата, имаме колега кој е во притвор итн.     

Riporters-27. Има ли притисоци кон бендот поради музиката што ја правите? Ако има, на какви притисоци подлегнувате?

-Има притисоци во форма на дискредитација на тоа што го работиме. Тоа најчесто се објавува на друштвените мрежи. Бевме преименувани во музички бенд на предавници. Некои нè обвинуваат дека сме како Мили Ванили, односно само отвораме усти. Со свирката што неодамна ја одржавме во Клубот на новинари, мислам дека на тие зли јазици им ги затворивме устите и покажавме дека не само што знаеме да свириме, туку и знаеме да пржиме кога свириме. Им се заблагодарувам на сите што зборуваат за нас, па дури и лошо. Во светот постојат две категории на луѓе: едни што работат и други што зборуваат. И лош публицитет е добар публицитет, всушност, како што велат кумановци „Боље да ме зборив, него да ме жалив“.

8. Споделете некоја анегдота

-Главно, нешто што е најспецифично за нас, е тоа што функционираме како една редакција. Одлуките обично се носат по соодветна количина на испиен ферментиран овошен сок или сок од јачмен. Има многу шеги затоа што доаѓаме од различни редакции со различни уредувачки политики. Знаеме да го започнеме колегиумот со „зачикавање“ на еден со друг за тоа кој и што објавил. После тие 5 минути на меѓусебно „дробење“ преоѓаме на работа.

Системот на работа ни е анегдотален бидејќи секогаш почнуваме со шеги и боцкање за да продолжиме со ферментирани сокови и да резултираме со добри песни и одлични концерти. Се надевам дека ќе го задржиме тој пристап.

Сосема за крај, Петрит рече дека иако добивал предлози да го смени името на бендот, гордо порачува: Името не го даваме!


Мартин Манасков

Оваа веб-страница е изработена со помош на Европската Унија во рамките на проектот Коалиција за медиумска писменост. За објавените содржини е одговорна Високата школа за новинарство и за односи со јавноста и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.

Адреса

ULICA
ул. Јуриј Гагарин 17-1/1
GRAD
1000, Скопје
WEB
Република Македонија

Контакт

БРОЈ
02 / 3090 004
МЕЈЛ
medium@medium.edu.mk