Креативност

Иновативност

Оригиналност

Имагинација

 

Биди новинар за „Медиум“

Испрати ни го твојот текст на medium@medium.edu.mk и ние ќе го објавиме :)

Испрати

Јас мислам вака

JAS MISLAM VAKA Marija Stojanovska Bitola3223Што ако ви речам да замислите еден 18-годишен тинејџер? Што прво ви паѓа на памет? Претпоставувам, замислувате млад и бунтовен, визионерски и неконформистички настроен човек, полн со енергија и љубопитност. Но како што велат, замислата не секогаш се совпаѓа со реалноста.


Ние младите сме среќни што живееме во ера во која информацијата ни е многу поблиску на дофат од која било друга генерација што некогаш живеела. Меѓутоа, истовремено стануваме и сторачни гиганти во информативната војна. Војна во која нѐ бомбардираат вести насекаде, во секое време, на која било страна да се свртиме. Во неа, моите врсници ги бранат своите ставови со сѐ освен со аргументи и факти, во најдобар случај со аргументи кои се излитени и секогаш исти.


Зошто? Нели сме генерација која има огромен асортиман на информации? Информации кои најчесто ни доаѓаат од медиумите. Од една страна, може да се каже, оти ние сме навистина богати, имаме радио, телевизија, печатени, електронски медиуми, а од сите нив предничи Интернетот. Од друга страна, пак, оние кои се „дрзнуваат“ барем малку критички да ја гледаат филтрираната реалност, ќе кажат оти благодарение на медиумите се наоѓаме среде свет со изместени вредности. Такви како што се, изместени, тие доаѓаат до нас, а ние како жедни за вода среде пустина ги „голтаме“ и, за жал, тие стануваат дел од нашиот систем на вредности.


Во листата причини за тоа, која, патем, јас најтрагично ја доживувам, е изгубената објективност во пренесувањето на информациите. Објективноста е најважната карактеристика за еден медиум, реалното пренесување на веста и на информацијата, всушност, треба да е причината за неговото постоење.


Меѓутоа, кај нас медиумите стануваат толку поларизирани што ние добиваме впечаток дека во нашево општество секогаш постојат две вистини, од кои ти мора да си одбереш во која ќе веруваш.


Во таква ситуација, кога младите ќе си ја одберат својата „вистина“ која соодветствува со личните ставови и верувања, тие се изолираат во таа рамка, се хранат со филтрирани или лажни содржини. Стануваат дел од масата квалификувани актери од кои секој има „специјализирано“ сознание за нештата.


На влијанието од „објективноста“, односно медиумската пристрасност, се додава и она од јазикот што се употребува во медиумите. Од неупотребливоста на литературниот јазик до она најстрашното, користењето погрдни зборови и навреди. Нешто што го користат оние кои би требало да бидат први во борбените редови во битката против непочитувањето на литературниот јазик и против говорот на омраза. Благодарение на ова, секојдневно се соочувам со ситуации кога младите мислејќи дека зборуваат литературно „гаѓаат“ со фрази од дијалекти и погрдни зборови.


Затоа, ве молам, да не се лажеме себеси и другите дека живееме во демократија. Демократијата не значи човек да може да си избере од кој извор ќе се информира, туку таа значи тој да може да ги слушне сите страни, сите информации. Да може да создаде своја перцепција на нештата, да процени и да суди сам, а не да му се наметнуваат став и вистина какви што сака некој друг.

 

Марија Стојановска, четврта година во гимназијата „Јосип Броз Тито“, Битола

 

Оваа веб-страница е изработена со помош на Европската Унија во рамките на проектот Коалиција за медиумска писменост. За објавените содржини е одговорна Високата школа за новинарство и за односи со јавноста и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.

Адреса

ULICA
ул. Јуриј Гагарин 17-1/1
GRAD
1000, Скопје
WEB
Република Македонија

Контакт

БРОЈ
02 / 3090 004
МЕЈЛ
medium@medium.edu.mk