Креативност

Иновативност

Оригиналност

Имагинација

 

Биди новинар за „Медиум“

Испрати ни го твојот текст на medium@medium.edu.mk и ние ќе го објавиме :)

Испрати

Јас мислам вака

PoliksenaЕдноставна детска љубов во младите тинејџерски години. Знаете за што зборувам: држење за рака, слатки бакнежи, срамежливи насмевки, затскриени погледи, испраќање до дома, „те сакам“ и „јас тебе повеќе“...

Онака како што би требало да изгледа првата љубов на едно петнаесетгодишно девојче. Но зошто да е толку клише? Зошто љубовта, која треба да е толку невина, детска, наивна и чиста на оваа возраст, да биде токму таква кога може да е поразлична, толку погрешна и да не го ни заслужува името „љубов“? За голема, огромна жал, живееме во општество каде што од ден на ден сè повеќе се намалува бројот на луѓето кои навистина го познаваат магичното чувство на љубовта и нејзиното искрено значење. Од ден на ден сè почесто се губат вистинските вредности на љубовта и се заменуваат со дегутантни нешта, несвојствени за возраста и универзалните општествени вредности. Девојчињата не тргнале уште во средно училиште, а приоритет им се автомобилите во кои ќе ги возат, колку пијалаци ќе бидат почестени вечерта, колку скап подарок ќе добијат за нивната дружба, колку пари ќе извади на маса нивниот придружник, дали градот ќе зборува за нивното петнаесет години повозрасно момче и што ли уште не! Голем дел од овие девојки претставуваат обична играчка за некој човек кој може да ни биде татко, сè со цел да бидат забележани и зборувани низ градот.

Денес многу лесно можат да се изгубат две многу важни нешта кај секоја девојка: нејзиното детство и достоинството. Во времето кога треба да се запознаат со интимноста во љубовта, да научат повеќе за меѓусебните односи и да уживаат во чистотата и наивноста на младешкиот занес, голем број девојчиња уште одамна искусиле бесчувствени, празни и површни сексуални односи. И што се случува? Заради материјалните добра, нивните души останале празни. Девојките останале без своите фантазии, без пеперутки во стомакот, без неповторливиот предизвик да се исполни животот со чиста и искрена љубов. Сè им е откриено и лесно достапно, а без никакво значење. Се прескокнуваат емоциите и чувствата, уживањето веќе станува мит и преминува во нешто толку секојдневно и изживеано уште на тинејџерска возраст. И што е уште пожалосно, токму овие девојки со ваквите постапки мислат дека навистина успеале во животот и дека го уживаат „високиот“ статус во општеството.

Неизмерно е жалосен фактот дека секоја од овие девојки никогаш нема да ги разбере своите погрешни постапки, да сфати колку пребрзо пораснала и тоа на многу погрешен и недостоинствен начин. Го продава своето тело, не давајќи никакво значење на својата интима и на чувствата, само за да го задржи својот богат партнер чија возраст е двојно поголема од нејзината. Голем дел од нив веројатно и мислат дека многу од нивните врснички им завидуваат на „луксузот“ во кој живеат, на начинот на кој ја трошат својата младост и на парите што ги имаат...се извинувам, парите што ги има нивното момче. Нивниот избор на живот единствено треба да претставува само еден голем и погрешен пример како не треба да се живее. Се надевам дека таквите девојки и нивните постапки ќе претставуваат исклучок, а не правило. Се надевам дека ќе бидат предмет на потсмев, а не пример за следење. И мојот најголем страв лежи во помислата дека можеби еден ден ќе исчезнат сите вистински вредности и дека ќе се заменат со сосема погрешни, каде што ваквите девојки ќе станат пример за однесување на младите и многумина ќе се стремат да го постигнат истото. Се надевам дека се лажам ако заклучам дека истото не започнува да се случува и сега.

Поликсена Тунтева, Гимназија „Св. Климент Охридски“, Охрид

Оваа веб-страница е изработена со помош на Европската Унија во рамките на проектот Коалиција за медиумска писменост. За објавените содржини е одговорна Високата школа за новинарство и за односи со јавноста и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.

Адреса

ULICA
ул. Јуриј Гагарин 17-1/1
GRAD
1000, Скопје
WEB
Република Македонија

Контакт

БРОЈ
02 / 3090 004
МЕЈЛ
medium@medium.edu.mk