Креативност

Иновативност

Оригиналност

Имагинација

 

Биди новинар за „Медиум“

Испрати ни го твојот текст на medium@medium.edu.mk и ние ќе го објавиме :)

Испрати

Низ ходниците

3 ti rodenden 006 postТелевизијата сè уште се наоѓа на врвот од пиедесталот кој ја прикажува моќноста на средствата за масовна комуникација, или уште подобро кажано, средства за масовна хипноза. Како една целина од говор, звук и слика, овој медиум придонесува за развојот на едно општество, но за жал, истовремено обезвреднувајќи ги моралните вредности и промовирајќи девијантно однесување.

3 ti rodenden 006 postКога денес ќе ги видиме младите како пред телевизорот гледаат турски серии, ние од постарата генерација не така лесно го прифаќаме тоа како добар избор и како нешто што може едукативно да влијае врз нашите деца.


Меѓутоа, ако го вратиме филмот малку наназад можеме да се фатиме во сопствената стапица, бидејќи ќе се присетиме дека и ние сме пораснале со слични сапуници. Вистинска реткост би била да прашаш некого од повозрасните, а да не знае да ти одговори која била Касандра. Тоа е серија која кога се емитуваше, на улиците едвај можеше да сретнеш жив човек. Тоа е серијата што и по дваесетина години го држи Гинисовиот рекорд за серија на шпански јазик која се емитувала во најголем број држави.


Оттогаш, „квантитет, а не квалитет“ како да стана мото на сите наши телевизиски куќи, како тие да се натпреваруваа кој ќе успее да купи повеќе серии. Немаше време никој да праша што би се случило кога парите би се пренамениле за цртани филмови и за документарни емисии. Можеби во таков случај не би произведувале генерации кои сметаат дека слепата покорност значи почит или, пак, дека викањето и удирањето се нормална реакција за во многу ситуации.


По латино-американските, на голема врата влегоа и турските серии. Публиката лесно ги прифати како блиски до неа, како свои. Чинам, едни од најголемите бранители што „изникнаа“ од многубројните обожаватели на турските серии се оние кои сметаат дека од нив може да се научи како еден човек треба да се однесува, особено кон постарите.


Во ред, нека има нешто и добро, но проблемот е што децата и младите воопшто не се идентификуваат со таквите ликови, туку со оние поексцентричните. На пример, со батковците од „Долина на волците“, па децата си даваа прекари исти како во серијата, сакаа да личат на актерите-мафијаши итн.


Во една ситуација, бев запрепастена кога слушнав оти дете во едно основно училиште било отфрлано од друштвото зашто не било во тек со некоја серија и соучениците немале за што да разговараат со него.


За ваквите состојби, за инвазијата од турските серии не ни се виновни само телевизиите. Тука се родителите кои по напорниот ден сакаат да се „вовлечат“ во нечиј туѓ живот, каде што љубовта победува, каде што некоја друга жена ви ја чисти куќата, а во исто време и внимателно ги слуша вашите проблеми. Во тој живот има доволно пари и за три животи.


Затоа одговорноста да не дозволиме младите „благодарение“ на ваквите серии да ја изгубат реалната перцепција за себе и за другите е заедничка.


На сите нас е одговорноста да дадеме сѐ од себе за да спречиме создавање генерации навикнати на кич и без изострено естетско сетило, генерации кои не го преиспитуваат она што им се сервира и кои не знаат да читаат меѓу редови, генерации кои сметаат дека комодитетот и лесната заработка им се загарантирани уште од раѓање.

Автор: Марина Евтимова-Митева, професорка во СОУ „Ванчо Прке“, Виница

Оваа веб-страница е изработена со помош на Европската Унија во рамките на проектот Коалиција за медиумска писменост. За објавените содржини е одговорна Високата школа за новинарство и за односи со јавноста и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.

Адреса

ULICA
ул. Јуриј Гагарин 17-1/1
GRAD
1000, Скопје
WEB
Република Македонија

Контакт

БРОЈ
02 / 3090 004
МЕЈЛ
medium@medium.edu.mk