Креативност

Иновативност

Оригиналност

Имагинација

 

Биди новинар за „Медиум“

Испрати ни го твојот текст на medium@medium.edu.mk и ние ќе го објавиме :)

Испрати

Низ ходниците

Темите за сексуалноста, за сексуалното и репродуктивното здравје на младите во Македонија се отвораат бавно и селективно. За родово-идентитетските прашања, за родовата припадност и изразување, сексуалната ориентација, сè уште не постои подготвеност да се разговара отворено и аргументирано.


ZA TABLO 2016Како професор по македонски јазик и литература во гимназијата ,,Никола Карев‘‘ секојдневно се соочувам со млади луѓе кои лутаат во просторот наречен тинејџерски години, барајќи се себеси во лавиринтот на измешани чувства, емоции, стравови, надежи, проблеми. Работата со нив во изминатите десетина години, ме натера да ги препознавам нивните проблеми и да им помагам колку што можам и умеам. Увидов дека момчињата и девојчињата имаат огромни разлики во своите сфаќања за многу теми во животот, но речиси идентични проблеми поврзани со нивното сексуалното и репродуктивно здравје.
Поаѓајки од таа моја желба да помогнам на една ученичка, која имаше сериозни психички и здравствени проблеми ( обид за самоубиство поради прераната бременост ), ги разгледував сите можности кои ги нуди образовниот систем во Македонија. И, погодете што? Не најдов одговор на моите прашања. 

Во образовните програми за средното образование во Македонија, средношколците немаат можност да си помогнат себеси за она што ги интересира. Тие млади луѓе се соочуват со големи проблеми - не се информирани, не знаат каде да побараат помош, се срамат своите прашања да ги постават на возрасен, се двоумат дали да стапат во интимни односи, а и не знаат кога е време да имаат интимни односи со дечкото /девојката.

Во ниту еден предмет, ниту проектна активност во средното образование, не се нуди помош за нивните дилеми како што се сексуалноста, сексуалното здравје, родовата припадност, улогите на врските во општеството, однесувањето и детските права.

Младите луѓе имаат потреба од сексуално образование во училиштата, но оваа нивна потреба никој ја разбира сериозно. Ова сознание произлегува од резултатите на истражувањето со млади на 15 години- ,,Колку се еднакви и безбедни младите во Македонија во нивниот сексуален развој и сексуални искуства ?“ на Коалицијата Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници и ,,Љубов само по часови‘‘ на ХЕРА. Избегнувачкиот став на образованието кон темите за сексуалноста, како последица, има високи ризици за сексуалното и репродуктивното здравје на младите, но и за нивното ментално, емоционално и социјално здравје. А токму образованието треба да биде главниот катализатор во уривање на табуата, во симнување на маските и во поставување на овие прашања високо меѓу приоритетите за подобро здравје.
Ова истражување покажа дека младите од Македонија не се безбедни и доволно подготвени за првите сексуални искуства и интимни релации. Нивната грижа за себе и за сопственото (сексуално) здравје е периодична, ненавремена и со високи меѓуродови разлики, за сметка на девојчињата.

Особено се загрижувачки податоците за родовата нееднаквост во сексуалното здравје и добросостојба. Имено, 15-годишните млади со рани сексуални искуства се со повисок ризик за нивното сексуално, ментално и психосоцијално здравје од младите без сексуални искуства, при што и девојчињата и момчињата страдаат подеднакво, на родово „својствен“ начин. Додека сексуално искусните момчиња се понасилни од девојчињата, тие се и почести жртви на малтретирање и на сексуално вознемирување и напади.

Девојчињата, пак, своите први сексуални доживувања најчесто ги манифестираат преку чувства на неадекватност и повлекување. Со реакции многу почесто свртени кон себе- нервози, депресивни расположенија, самоповредувања и идеи за самоубиство.

Учениците сметаат дека треба да се воведе соодветно сексуално образование во училиштето, како институција каде можат да добијат одговори на прашања поврзани со сексуалноста. Бидејќи немаат позитивни ставови и вредности за сексуалноста, многу лесно ги прифаќаат постојните предрасуди и стереотипи.
Поради тоа, во училиштето треба да се развиваат вештини за носење одлуки во врска со сексуалните предизвици. Недоволно се информирани за правото на сексуална приватност и има показатели дека ова право често им се нарушува. Увидот во програмите, односно во учебниците, покажа дека во нашиот образовен систем не постои стручен усогласен став или политика за обезбедување на информации за сексуалноста, односно за сексуалното и репродуктивното здравје и за правата. Не постојат информации за поголем дел од темите кои се составен дел на едно сеопфатното сексуално образование (користење кондом, да се живее со ХИВ, сервиси за сексуално и репродуктивно здравје, правна заштита, насилство, права, задоволство...).

Евидентно е дека неопходни се интервенции во образовната култура на заедницата. Промените би можеле да почнат со воведување на инклузивни, родово базирани образовни програми и практики во училиштата, со цел редефинирање на начините на постапување во нив. На тој начин ќе се зголемат слободите на изразување и почитување на разликите. Односно, само со промени во образованиот систем заснован на истражувачка евиденција и добри практики, можеме да дојдеме до промени и вистински решенија. На тој начин средношколците ќе ги најдат одговорите на прашањата кои секојдевно ги мачат.

Оваа веб-страница е изработена со помош на Европската Унија во рамките на проектот Коалиција за медиумска писменост. За објавените содржини е одговорна Високата школа за новинарство и за односи со јавноста и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.

Адреса

ULICA
ул. Јуриј Гагарин 17-1/1
GRAD
1000, Скопје
WEB
Република Македонија

Контакт

БРОЈ
02 / 3090 004
МЕЈЛ
medium@medium.edu.mk