Креативност

Иновативност

Оригиналност

Имагинација

 

Биди новинар за „Медиум“

Испрати ни го твојот текст на medium@medium.edu.mk и ние ќе го објавиме :)

Испрати

Низ ходниците

Четворица средношколци од Куманово и Скопје собраа четири награди на Светската олимпијада за геонауки во Јужна Кореја, другаруваа и создаваа спомени со нивните врсници од 41 земја, а им покажаа и како се игра традиционално македонско оро

Историски. Вака со еден збор може да се опише настапот на четворицата средношколци и нивните ментори од Македонија на Светската олимпијада за геонауки - ИЕСО 2019 (IESO 2019), во Даегу, Јужна Кореја.

Историски настап, затоа што ова е првпат Македонското географско друштво активно да учествува на ова натпреварување и затоа што, кажано во школски жаргон, успехот беше одличен. Нашите претставници оттаму се вратија со четири награди.

За учество на ова светско натпреварување беа избрани четворица средношколци: Сара Стојчевска, Кристина Спасовска и Јована Маниќ од СОУ Гимназија „Гоце Делчев“ во Куманово и Оливер Куновски од СУГС „Орце Николов“ во Скопје.

Гимназијалците беа избрани со селекција на државниот натпревар по географија и со дополнителен избор според покажаните знаења, а за Олимпијадата се подготвуваа со менторите Ивица Милевски и Свемир Горин, додека во севкупната организација помогна Билјана Апостоловска-Тошеска, сите универзитетски професори на Институтот за географија на Природно-математичкиот факултет (ПМФ) во Скопје.

Средношколците и менторите заеднички се подготвуваа од мај до август годинава и на крајот на летото заминаа за Јужна Кореја, во градот Даегу, кој беше домаќин на над 180 ученици и околу 120 ментори и набљудувачи од 42 земји кои учествуваа на оваа Светска олимпијада.

- Учеството на Олимпијадата нѐ направи побогати со нови доживувања и нови пријателства. Задоволни од успехот, со верба дека можеме и повеќе, веќе се размислува за учество и развиорување на македонското знаме на следната Светска олимпијада за геонаука во Тјумен, Русија, во 2020 година - велат задоволните ментори по враќањето од ова натпреварување.

Но пред да ги насочат мислите кон следната Олимпијада, менторите заедно со средношколците го дадоа максимумот да бидат забележани во Јужна Кореја. И успеаја.

Годинашната Олимпијада, која е 13. по ред, траеше од 26 август до 3 септември.

Натпреварувачкиот дел, раскажуваат учесниците, траел пет дена и се состоел од писмен тест во четири дела (геосфера, атмосфера, хидросфера, педосфера) и практичен тест (два практични лабораториски теста и теренско истражување).

По завршување на писмениот и практичниот тест следувала и теренска работа во интернационални тимови (ITFI-International Team Field Investigation), чии резултати средношколците ги претставиле преку постери и усни презентации (ESP-Earth System Project).

А по завршувањето на натпреварувањата стигнале и среќните вести: четири награди за македонските претставници. Во главната категорија (писмен и практичен тест), ученикот Оливер Куновски се закити со бронзен медал. Покрај тоа, во категоријата практични истражувања (ITFI), Кристина Спасовска освои златна награда, додека во категоријата презентации на истражувања (ESP), Оливер Куновски и Кристина Спасовска освоија две бронзени награди.

Наградите, можеби се најважното, но не и единственото нешто по што средношколците од Куманово и Скопје ќе го паметат ова патување. Тука се и новите познанства, запознавањето на културите на другите земји од каде што допатувале другите натпреварувачи, но и презентацијата на Македонија.

Имено, пред завршната церемонија сите национални тимови имале можност да си ја претстават татковината со избор на некои национални обележја, а нашиот тим се решил тоа да го направи преку македонските ора. Така, на бината во свечената сала во Даегу се слушала и пеела „Македонско девојче“ и се играле македонски ора.

Во програмата за оваа Светска олимпијада биле вклучени и екскурзии, па македонските средношколци заедно со врсниците од САД, Австралија, Бразил, Италија, Франција, Норвешка, Литванија, Казахстан итн., виделе и неколку знаменитости со кои може да се пофалат Корејците. Прошетале во градот-домаќин Даегу, кој има околу два милиони жители, биле во градот Гиенгу, кој се наоѓа во југозападниот дел на Корејски Полуостров и важи за седиште на духовноста и историјата на Кореја и е под заштита на УНЕСКО, како и во геопаркот Чеогсонг, кој е планински предел со прекрасна шума и недопрена природа.

Освоени награди

- Бронзен медал во главна категорија - Оливер Куновски од СУГС „Орце Николов“, Скопје

- Златна награда за практични истражувања - Кристина Спасовска од СОУ Гимназија „Гоце Делчев“, Куманово

- Две бронзени награди за презентации на истражувања - Оливер Куновски и Кристина Спасовска

Оваа веб-страница е изработена со помош на Европската Унија во рамките на проектот Коалиција за медиумска писменост. За објавените содржини е одговорна Високата школа за новинарство и за односи со јавноста и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.

Адреса

ULICA
ул. Јуриј Гагарин 17-1/1
GRAD
1000, Скопје
WEB
Република Македонија

Контакт

БРОЈ
02 / 3090 004
МЕЈЛ
medium@medium.edu.mk