Креативност

Иновативност

Оригиналност

Имагинација

 

Биди новинар за „Медиум“

Испрати ни го твојот текст на medium@medium.edu.mk и ние ќе го објавиме :)

Испрати

Јас мислам вака

Emilija Velickova jas mislam vakaГолем дел од светот забави, запре со својата динамика соочен со невидлив непријател кој е присутен насекаде. Секој од нас наоѓа начини да симулира секојдневие, налик на досегашното. Потклекнуваме пред „инфицирањето“ со информациите кои свесно или несвесно ги перцепираме. Сведоци сме на наслови кои привлекуваат, а содржината не ветува конкретна вест, особено во ситуации кога „борбата“ се води на многу фронтови.

Секој од нас се наоѓа на некој фронт и води „битка“, лична, но и професионална.

Актуелни се насоките кои произлегуваат од Министерството за обазование и наука, во однос на употребата на одредени електронски алатки (платформи), со кои ќе им се овозможи на учениците далечинско учење. Нормално несогласувања отсекогаш имало и ќе има, да не се лажеме, но секако дека е потребно да се најде решение на некој начин да не се запре со образовниот процес. Можеби сè уште нема конкретни информации околу полагањето на Матурскиот испит, но верувам дека се работи и на тоа.

Се задржувам на една група млади, средношколци, (кои се наоѓаат на принуден распуст), сепак им претстои тешка „битка“ во еден ринг, во кој е потребно да изиграат една симултанка против пет предмети, кои имаат единствено име - полагање „Матура“. Со оглед на периодот на вонредната состојба во која сме „заглавени“ сите, да се обидеме заедно да ги извлечеме повеќето позитивни нешта, а да ги занемариме оние кои ни ги „дразнат“ сетилата. Матуранти, бидејќи пред вас имате време, потребна е волја, добра организација и почитување на поставените, сопствени правила. Малку помош, не е на одмет, но обидете се правилно да ја искористите. Сите ве мачат истите прашања:

  1. Информации за полагање/ Кога? Зошто? Како?

Првите информации ги добивте веќе на почетокот на учебната година, а кон крајот на првото полугодие направивте избор на предметите кои ќе ги полагате во рамките на Државната матура, која ја спроведува институцијата наречена Државен испитен центар. Интернет страницата на која може да се информирате за нив е www.dic.edu.mk. Доколку сте се одлучиле да полагате Училишна матура или Завршен испит, нив ќе ги спроведе вашето училиште.

Познато ви е дека од петте предмети за кои ќе добиете оценки кои ќе ја пополнат Дипломата за завршено средно образование, три полагате како екстерни предмети, еден од нив како интерен и изготвувате една проектна задача, заедно со вашиот професор-ментор, а првата оценка која ќе ја дознаете ќе биде токму од оваа задача.

Почнувате да собирате потребни материјали, а предметните професори се вашите најдобри насочувачи кон тоа. Меѓутоа, корисни информации може да најдете и на интернет страницата www.matura.gov.mk, која претставува најверодостоен извор, облагородена од компетентни лица на ДИЦ (Државен испитен центар).

Важно е да се раководите според Испитните програми за сите предмети, а тие ви се документирани на истата интернет страница. Ќе наидете на голем број корисни информации кои ќе ви го олеснат решавањето на тестовите, воедно ќе сретнете и сугестии за подобри одговори на прашањата од делот Пишување, кој се однесува на мајчините и странските јазици.

  1. Равенка со многу непознати

Предизвикот секогаш носи и доза на страв со себе. Не му дозволувајте на стравот да владее со вас. За да го надминете чувството на трема пред да полагате, едноставно само отворете го следниот линк http://www.matura.gov.mk/documents.aspx?language=MK&page=O6dtQQpiV3o= и ќе ги најдете тестовите од претходните години, по сите предмети. Eм ќе видите како изгледа една тест книшка, ем ќе повежбате да видите до кој степен на помнење сте стигнале. Ова може да ви претставува една симулација, пред да пристигне вистинското полагање или симултанката која ќе треба вешто да ја изиграте. Со оглед на Проектната задача која ќе ја завршите, пред да почнете со полагање, ќе ви остане игра против четири предмети.

  1. На Фејсбук/Инстаграм... го има тестот

Повеќето од нас се нашле во ситуација да пробаат на некој начин да си го олеснат некој сегмент од животот. Никој не е имун на „инстант“ информациите кои се пласираат, особено на социјалните мрежи. Но, секоја битка во животот е успешна, кога е самостојно извојувана. Тогаш е најслатка. Како што снегот не може да нè изненади во лето, така и тестот кој ве чека да го решите, не може да се најде на некоја социјална мрежа, „магично“ поставен од страна на некој ваш „пријател демнач“. Народски кажано - немојте да спиете на тоа уво.

Интернетот, социјалните мрежи се виртуелен простор каде се сплотени сите луѓе. Сигурна „двонасочна“ комуникација во која и да не се добие повратна информација, испраќачот знае дека неговата порака е пренесена (особено некому е многу важно). Станавме (тука може да се најде секој од нас) хронични зависници, непоправлива група следачи на светските трендови и на феноменот наречен модерна технологија и современа комуникација.

Со оглед на слободното време, кое го имате, искористете го правилно, за да бидете задоволни со својот сопствен успех. Така ќе бидете горди сами на себе, а тоа е една особина која се стекнува токму со овие први чекори, кои ве носат кон еден поинаков свет. Штом го поминете и тоа ниво на играта, веќе сте освоиле победа, ваша, сопствена, победници сте во вашата симултанка против петте предмети. Тоа е за огромен аплауз.

*Се надевам дека го знаете значењето на паронимите: симулАНТка/симулТАНка.

Доколку некој се двоуми, едноставно отворете ја страницата на Дигиталниот толковен речник на македонскиот јазик, http://www.makedonski.info, па најдете го значењето на овие зборови. И не само на овие J.

Среќно.

 

Автор: Емилија Величкова, професорка по Македонски јазик и литература во гимназијата „Јосип Броз Тито“, во Скопје.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Оваа веб-страница е изработена со помош на Европската Унија во рамките на проектот Коалиција за медиумска писменост. За објавените содржини е одговорна Високата школа за новинарство и за односи со јавноста и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.

Адреса

ULICA
ул. Јуриј Гагарин 17-1/1
GRAD
1000, Скопје
WEB
Република Македонија

Контакт

БРОЈ
02 / 3090 004
МЕЈЛ
medium@medium.edu.mk